Драг читателу,
Добредојде на веб страната посветена на тебе. Оваа веб страна е дел од кампањата „Сакам да знам...“ на Слободен софтвер Македонија. Целта на оваа страна е да те информира за Слободен софтвер Македонија и нејзините активности, за слободниот софтвер како концепт и алатка, за можностите кои тој ги нуди и за потребата од негово прифаќање во нашето секојдневие.
Цел на оваа страна е да те поттикне да размислуваш за слободата, но нејзина цел е и да те поттикне да се вклучиш во акцијата за промовирање и користење слободен софтвер. Цел на оваа страна е и да те натера да помогнеш во насочувањето на својата татковина, Македонија, во вистински правец.
Сигурно веќе знаеш дека македонската Влада е во преговори со Микрософт за склучување на „стратешки договор“.
Слободен софтвер Македонија мисли дека ова е погрешен потег, и голем број на светски искуства го потврдуваат тоа. Во време кога голем број на земји вклучувајќи ги Германија, Франција, Кина, Индија, Јужна Африка, Бразил, Перу и голем број на сојузни држави на САД се свртуваат кон користење на слободен софтвер во своите јавни администрации, служби, научни институции, образование, македонската Влада е на пат да ги направи своите граѓани заложници на уште еден приватен монопол. Помогни и на својата татковина да излезе на правиот пат.
Уживај во користењето на слободниот софтвер. Уживај во слободата.
Искрено твоја, Слободен софтвер Македонија.
|